Македонија е седма според првиот индекс за политиките за дроги во светот (Видео)
Првото издание на Глобалниот индекс на политика за дроги кој беше објавен во ноември 2021 од страна на Конзорциумот за намалување штети (Harm Reduction Consortium), коалиција на граѓански и здруженија од заедницата, во партнерство со академици, открива дека најголем број од земјите во светот не успеале своите национални политики за дроги да ги усогласат со препораките на Обединети Нации. Тие упатуваат итен апел до владите, реформите во оваа област да бидат нивен приоритет.
Глобалниот индекс на политика за дроги (The Global Drug Policy Index) е првата глобална анализа заснована на докази на глобалните политики за дроги и нивната имплементација. Таа се состои од 75 индикатори кои се однесуваат на пет широки аспекти на политиките на дроги: казнено-правен систем, екстремни реакции, здравство и намалување на штети, пристап до меѓународно контролирани лекови и развој. Низ оваа призма, оваа единствена и прва ваква алатка до сега, ги документира, мери и споредува националните политики за дроги, рангирајќи ја секоја земја според бодови. Овој систем покажува колку политиките за дроги на една земја се усогласени со принципите на Обединетите нации за човекови права, здравство и развој. Како таков, овој Индекс претставува основен механизам за евалуација во полето на политики на дроги.
Првиот индекс ги евалуира достигнувањата на 30 земји во светот, опфаќајќи ги сите региони во светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија и дополнително вклучува и вистински, животни приказни.
Резултат
Република Северна Македонија е рангирана на 7 место во рамките на опфатените 30 земји. Пред Македонија се Грузија на шесто место со ист број на бодови, потоа Канада, Австралија, Велика Британија,Португалија, Нов Зеланд и Норвешка на прво место. Од европските земји кои се полошо оценети од Македонија се Унгарија на 12 место и Русија на 20 место.
“Ова 7 место не треба да се гледа како успех за Северна Македонија која беше оценета со 55 од 100 можни бодови. Во секој учебник индексот 55 не се оценува како добро постигнување. Посебно ако се земе во предвид и друштвото односно групата на земји кои беа оценувани од кои поголемиот дел се познати по своите лоши политики за дроги. Овој индекс треба да се чита во насока дека македонската влада и институции имаат уште многу работа за креирање на содветна политика за дроги која ќе се базира на здравјето и човековите права “ изјаувуваат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.