Министерот Бектеши ја пречека првата група од 121 турист од Холандија кои денеска со чартер лет пристигна во Охрид
На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во чест на првите гости од Холандија денеска беше организиран и свечен дочек, а гостите ги поздравија министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Посакувајќи им добредојде, министерот Бектеши на првите 121 турист од Холандија кои пристигнаа со чартер лет на охридскиот аеродром им порача за време на нивниот престој тука колку што е можно повеќе да ја запознаат Северна Македонија, нејзините убавини, а своите импресии да им ги пренесат на нивните пријатели кога ќе си заминат дома.
„Имам посебно задоволство како министер за економија да им посакам пријатен престој на гостите од Холандија што после едена година застој поради пандемијата со Ковид 19 повторно го избраа Охрид и Македонија за своја туристичка дестинација. Нашата земја има што да понуди за странски туристи, од културно-историски знаменитости, преку традиционалната храна, до богат ноќен живот за оние кои преферираат забава. Холандските туристи за нас се традиционални гости со кои не врзуваат многу емотивни спомени од минатото. Благодарение на тур-оператотот ТУИ кои има јасна визија и доверба во Република Северна Македонија очекуваме бројот на холандските посетители и гости постојано да се зголемува“ кажа министерот Бектеши.
Тој порача дека Министерството за економија како одговорно за развој на туризмот во Северна Македонија ќе направи се што е негова надлежност, гостите да бидат задоволни и да го доживеат Република Северна Македонија како место кое повторно ќе го посетат, но и ќе го препорачаат на своите пријатели.
„Присуството на туристи од Холандија ќе охрабрува и туристи од други земји да ја посетат нашата земја. Убедени сме дека сме безбедна дестинација, нашите капацитети во голем број се сертифицирани со Безбедносен печат што сметаме дека во оваа време е неопходно“ посочи министерот и изрзи надеж дека овој тренд на пристигнување на странски туристи ќе се зголеми во наредниот период и ќе придонесе зауспешна туристичка сезона за туристичките работници. Оваа година се очекуваат со чартер летови секој понеделник и петок до 26 септември да пристигнат околу 2.500 до 3.000 туристи, преку тур-операторот ТУИ кој успешно оперира во нашата земја од 2011 година, а по година ипол застој, како резултат на пандемијата повторно со овој чартер лет се враќа со работа во Северна Македонија