МОН: Над 18.100 прифатени апликации на првиот повик за субвенциониран студентски оброк
Во првиот рок за аплицирање на повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, кој траеше од 1 до 30 август, пристигнале 21.693 апликации, а прифатени се 18.149 соопшти Министерството за образование и наука. Повикот беше наменет за студентите од втора и повисоките години на студии. Апликациите се разгледани од надлежна комисија во МОН која одлучи за прифатените.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон за олеснување на животот на младите за време на студирањето. Девет месеци во годината студентите ќе добиваат по 2.400 денари наменети за купување здрави оброци.
– На сите кандидати решението им е испратено на електронската адреса која ја имаат наведено при поднесување на апликацијата, а тоа може да се најде и во самата апликација на порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ (во менито „мои апликации“) и да се преземе од таму, информира МОН, посочувајќи дека за дополнителни информации студентите може да се обратат на електронските адреси: [email protected]; [email protected] и [email protected]
Следниот рок за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе почне на 1 октомври и ќе трае до крајот на месецот, а се однесува на студентите од новата академска година и оние кои не успеајa да го остварат своето право додека траеше претходниот рок за аплицирање на повикот.
Начинот на аплицирање е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, со прикачување на само два документа – пријава и изјава за точност на податоци и наведување податоци за лична трансакциска сметка.