Не се ајкулите или змиите: Експертите открија кое суштество е најсмртоносно на светот
Кое е најопасното суштество на светот? Многумина би рекле дека тоа се змиите, ајкулите или китот – убиец (орка), но би згрешиле. Како што пишува „Би-би-си“, научниците во списанието „Биологија на комуникации“ (Communications Biology) за првпат открија кој вид е најголемиот предатор. Тврдат дека тоа се – луѓето.
Тоа тврдење го поткрепија со податоци: нашиот вид користи приближно една третина од сите диви животни за својата храна, лекови или, пак, ги чуваме како домашни миленици. Половина од видовите доведовме на раб на изумирање, што нè прави стотици пати поопасни од другите предатори, на пример, ајкулите.
– Големината и обемот на она што го најдовме нѐ изненади. Луѓето ги користат животните на неверојатно различни начини – рекол д-р Роб Кук од британскиот Центар за екологија и хидрологија во Валингфорд.
Истражувачите анализирале податоци за речиси 50.000 различни диви цицачи, птици, влекачи, водоземци и риби кои луѓето ги користат за храна, лекови или облека или ги ловат во дивината за да ги искористат за продажба во продавниците за домашни миленици. Тие откриле дека користиме или тргуваме со 14.663 видови – околу една третина од сите ‘рбетници – и 39 осто од нив водиме кон изумирање.
Нашето влијание, според истражувањето, е до 300 пати поголемо од влијанието на врвните предатори како големата бела ајкула, лавот или тигарот. Човештвото сега има поголемо влијание врз другите животни на планетата од кога и да е во историјата. Домашните животни во овој момент го сочинуваат мнозинството животински видови на копно, обликувајќи го природниот свет.
Истражувачите предупредуваат дека континуираното прекумерно искористување на дивите животни ќе има „длабоки последици за биолошката разновидност и функцијата на екосистемот“.
Дума.мк