НМСМ: Преку доследна имплементација на Националната стратегија за ментално здравје ќе се подобри благосостојбата кај младите
Според истражувањата на Националниот совет на Македонија (НМСМ), 64 проценти од младите во Македонија се соочуваат со депресија, 55 отсто се под стрес, 58 проценти се борат со анксиозност, 56 отсто имаат самоубиствени мисли, а 67 проценти сметаат дека е потребна подобра грижа за менталното здравје. Филип Ивковски претседател на Националниот совет на Македонија вели дека овие податоци се потврдуваат и преку фактот дека најчитаните содржини во историјата на НМСМ се прирачниците за ментално здравје кои даваат совети како младите да препознаат и да се справат со стрес, анксиозност и депресија.
За таа цел на владина седница беше разгледана и усвоена Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026, на предлог од Министерството за труд и социјална политика. Усвојувањето на оваа Стратегија е резултат на соработката помеѓу Владата и НМСМ со цел поддршка на добросостојбата на младите и претставува кулминација на активностите на НМСМ за унапредување на менталното здравје кај младите, спроведувани повеќе од три години.
-Веруваме дека преку доследна имплементација на стратегијата во наредните години, значително ќе се подобри благосостојбата на младите и ќе се креира широк спектар на механизми за поддршка и грижа за нивното ментално здравје, посочува Ивковски.
Инаку стратегијата се фокусира на проактивни мерки и активности за спречување и рана интервенција на проблемите со менталното здравје кај младите, ја нагласува потребата за намалување на стигмата и подигнување на свеста за менталното здравје и има за цел да го подобри пристапот до квалитетни услуги за ментално здравје за младите.
Воедно, Стратегијата ја нагласува важноста на соработката меѓу различни засегнати страни, за да се создаде холистички и координиран пристап кон менталното здравје, како и значењето на собирањето податоци и истражувањето за да се стекне сеопфатно разбирање за потребите за ментално здравје на младите луѓе.
Од НМСМ потенцираат дека во време кога младите се соочуваат со сериозни предизвици, ваквиот документ е од исклучително значење и претставува институционализирана, стратешка и системска поддршка за менталното здравје и благосостојбата на младите на национално ниво. Дополнително, усвојувањето на Стратегијата е и потврда за вредноста и значењето на вклучувањето на младите во процесите на носење одлуки и креирање политики, како и за застапувачките активности кои ги спроведува Националниот младински совет на Македонија.
Дума.мк