Новите ковид-мерки пред Главниот кризен штаб и Владата
Комисијата за заштита од заразни болести препорачува нови мерки за сите вработени во јавниот сектор, кои во иднина за да дојдат на работа ќе мора да имаат или потврда за најмалку една примена вакцина, негативен ПСР тест, кој не е постар од 72 часа или потврда за прележан ковид, која што не е постара од 45 дена.
Друга мерка која се предлага е задолжителна вакцинација за сите вработени во здравството. Овие мерки Комисијата ги достави до Главниот координативен кризен штаб при Владата кој ќе треба да соопшти дали ќе бидат прифатени.
Министерството за здравство препорачува да ги применуваат и приватните компании.
Мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести, како советодавно тело на министерот за здравство, се целосно издржани. Целта е да се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба и да се зголеми интересот за вакцинацијата, вели министерот д-р Венко Филипче.
Тој појаснува дека мерките кои ги предлага Комисијата, комбинирано се користат скоро секаде во Европа. Некои земји имаат слични дури и поригорозни мерки.
-Вакви мерки има и во Германија, Австрија, Хрватска, во Грција каде се размислува да се воведе целосна забрана за влез во затворено, без разлика дали е на работно место или не, за невакцинирани. Нема друг начин да го заштитиме здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети. Во моментов и целиот изминат период болниците се полнат со невакцинирани пациенти 70-80 проценти од хоспитализираните се невакцинирани. Огромен број од колегите веќе имаат „burn-out“ синдром, знаете две години да се работи во ковид центри со таков интензитет не е едноставно. Има луѓе кои заболуваат и од други болести, не може нив да ги оставиме по страна. Не може да издржиме уште долго вака, да затвораме други одделенија, други пациенти да трпат, да им се одложуваат третманите, а ние да се занимаваме само со Ковид, рече Филипче.
Доколку се прифатат треба да стапат на сила 10 дена по нивното усвојување. Министерството за здравство препорачува да ги применуваат и приватните компании.
Од овие мерки ќе бидат изземени лицата кои што ќе имаат потврда од лекар дека не смеат да се вакцинираат.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 212.220,бројот на оздравени пациенти е 196.249, на починати е 7.436, а бројот на активни случаи изнесува 8.535.