Од денеска почнува аплицирањето за бескаматни кредити од линијата „Ковид 4“
За кредитите ќе може да аплицираат угостители, транспортери, хотелиери, како и приватни здравствени установи. Од денес започнува аплицирањето за бескаматен кредит од кредитната линија „Ковид 4“. Јавниот повик за оваа кредитна линија беше објавен на 7 јули, а ќе трае до 27 јули.
За кредит со можност за грант-компонента до 50 отсто, односно 15.000 евра, може да аплицираат трговски друштва од дејноста на угостителството, транспортот, туризмот и ивент-индустријата; приватни здравствени установи (ПЗУ), трговци-поединци (ТП) и занаетчии од сите дејности.
Фирмите што користеле средства од Мерка 1 од петтиот сет економски мерки за финансиска поддршка на плати за февруари и март од Управата за јавни приходи и субјектите што користеле кредит од „Ковид 3“ нема да може да користат кредит од „Ковид 4“.
Компаниите што користеле кредит од „Ковид 1“или „Ковид 2“ и немаат неизмирени достасани обврски на денот на аплицирање, 15 јули 2021, ќе може да користат кредит од „Ковид 4“.
– Максималниот износ на кредит е 30.000 евра, додека минималниот износ на кредит е 3.000 евра. Кредитите од „Ковид 4“ ќе имаат грејс-период до 12 месеци и период на отплата до 42 месеци. Износот на кредит кој може да биде одобрен за субјектите зависи од падот на приходите во 2020, во однос на 2019 година. Субјектите со пад на приходи од 30 до 50 проценти може да аплицираат за максимален износ на кредит кој изнесува: 15.200 денари х 3 месеци х број вработени, а субјектите со пад на приходи над 50 отсто може да аплицираат за максимален износ на кредит кој изнесува: 22.000 денари х 3 месеци х број вработени – стои во јавниот повик.
Потенцијалните корисници на кредит од оваа кредитна линија, треба да имаат пад на приходите од најмалку 30 отсто во 2020 во однос на 2019 година, како и главница и резерви не помалку од 33 отсто од износот на бараниот кредит.
Принципот за одлучување за распределба на расположливиот фонд средства ќе биде „прв дојден, прв услужен“. Корисниците на кредит од оваа кредитна линија ќе може да побараат грант компонента до 50 отсто од износот на кредит.
Субјектите што ќе покажат раст на вработените во 2021 во однос на 2020 за најмалку 5 отсто, ќе може да користат грант од 20 отсто. Субјектите што ќе покажат раст на вкупните приходи за најмалку 10 отсто за истиот период, ќе може да користат грант од 30 отсто. Поднесувањето на кредитните барања ќе се одвива по електронски пат.