По Фон дер Лајен, во посета доаѓа и Вархеји
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји денеска ќе престојува во Скопје. Тој, како што е најавено, меѓу другото, ќе се сретне со премиерот Зоран Заев. Вархеји во минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.
За време на вчерашната посета на Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази целосна поддршка за формално отворање на пристапните преговори со Северна Македонија што е можно поскоро.
-Целосно го поддржувам формалното отворање на преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Не губете ја вербата, сте постигнале голем напредок досега. Иднината на Северна Македонија е во Европската унија, рече Урсула фон дер Лајен за прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Заев рече дека Скопје досега покажа конструктивен пристап кога станува збор за европската интеграција, но нагласи дека прашањето за идентитетот не може да биде предмет на преговори.
Заев рече дека на средбата со Фон дер Лајен изразил надеж дека лидерите на земјите -членки на ЕУ ќе ја потврдат Декларацијата од Брдо, кога Словенија го презеде претседателството, за цврста определба за проширување кон земјите од Западен Балкан.
-Веруваме дека блокадата на овој процес не е во духот на оваа посветеност. Веруваме дека е потребен нов поттик за да се забрза процесот на донесување одлуки, бидејќи секое продолжување на блокадата поттикнува ретроградни сили кои се противат на европското единство и европските вредности, рече Заев.