Почна Петровденскиот пост

За православните христијански верници кои се водат според Јулијанскиот календар денеска почнува Петровденскиот пост во чест на светите апостоли Петар и Павле и му претходи на празникот Петровден, кој секогаш се одбележува на 12 јули.
Должината на Петровденскиот пост зависи од празникот Велигден. Овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината (Велигденски, Петровденски, Богородичен, Божикен), започнува од првата недела по Педесетница (Духовден), а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и Петровденскиот пост трае различно. Некогаш шест недели, а некогаш само една недела и еден ден.
Целта на постот е да се исчистат духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, што значи од трпезата се тргаат месото, млечните производи и јајцата.
Поважниот пост – духовниот, според Православната црква, подразбира одрекување од секое зло и грев, воздржување од лоши помисли, зборови и дела, покајание и безрезервна љубов кон Бога и кон луѓето.
За Петровденскиот пост
Овој пост својот корен го има во древните времиња на Црквата. По сè изгледа тој првично претставувал пост за оние кои од некаква причина (на пр. патување) не постеле за Пасха, па затоа овој пост бил еден вид компезација за пропуштениот подвиг. Во Апостолските правила стои: „По неа (Педесетницата) празнувајте една седмица, па потоа постете, бидејќи е справедливо и да се веселите заради дарот Божји, но и да постите по олабавувањето“ (V,20). Според ова, овој пост во себе ја содржи идејата на засилување на подвигот по празничниот пасхален период, кога сме се опуштиле со храната.
Според прописите на Црквата, надворешната форма на овој пост, за разлика од Великиот, е поблага: (понеделник)[1], среда и петок е строг пост, во останатите денови е благословено да се јаде масло, а за викенди (сабота и недела) се дозволува и употреба на риба (можеби, како што велат некои, бидејќи апостолите биле рибари?); ако се падне празник во делничните денови се случува ублажување на постот за еден степен (ако е строг – се дозволува масло, ако е со масло – се дозволува риба); на Иванден (Раѓањето на св. Јован Крстител – 07.07.) се јаде риба, без разлика во кој ден и да се падне; ако има семејна слава, тогаш се разрешува употреба на масло, вино (=алкохол) и риба, во кој било ден и да се падне. Секако, со благослов на духовникот, ова правило може да се прилагоди (ублажи) во конкретни случаи.
Дума.мк
