СДСМ го промовираше „Сојузот на иднината“
Некогашните лути непријатели денеска на иста маса ставија потпис на документ за формирање на новиот опозициски фронт, кој ќе го предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Вонпарламентарните партии ЛДП, Обединети за Македонија, ВМРО-Народна и Достоинство се приклучија на новиот Сојуз на иднината. На идното партиско сојузништво потписи ставија лидерите на партиите Бранко Црвенковски, Андреј Жерновски, Љупчо Георгиевски, Стојанче Ангелов и претставникот од Обединети за Македонија, Раде Милосовски најавувајќи битка како што рекоа за иднината на земјата.
„Од денеска целата македонска опозиција е заедно во ист фронт, под едно знаме, со заедничка цел – битка за иднината на Македонија. Многумина се сомневаа дека вакво нешто е можно. Во нормална парламентарна демократија веројатно и не би било потребно. Но, за жал Македонија во овие шест години не е ниту нормална, ниту демократска држава. Токму тој факт и потребата тоа да се смени го направија невозможното и возможно и неопходно со една цел – битка за иднината на Македонија“, изјави лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски..
Според лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски не е случајно избран датумот, оти не станува збор за партиски празник, туку за празник на сите Македонци.
„Јас сум ВМРО, вие сте ВМРО, само не сме ДПМНЕ“, рече Жерновски . И покрај разликите во партиските платформи, според него, една работа сепак ги зближува сите – тоа е љубовта кон Македонија.