Медијаторот Нимиц изнел нови предлози!
Но, на заедничката средба со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, одржана во вторникот во Њујорк, имало и стари идеи кои ќе треба да ги разгледаат властите во Скопје и Атина.
„Двете страни ја изразија својата подготвеност да се надмине спорот, верувам дека тоа не е само реторика. Состојбата во регионот бара да се решиовој проблем. Посредниците ќе ги пренесат овие идеи до своите влади, да видат дали можат да бидат корисни за да одиме напред. Јас се понудив да дојдам, да ги посетам Атина и Скопје да ги изразам предлозите подетално”, изјави медијаторот во македонско – грчкиот спор за името, Метју Нимиц по заедничката средба со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, одржана во вторникот во Њујорк. Како што јави дописникот на МИА од САД на средбата станало збор за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, според која, Грција со блокадата во НАТО во 2008 година ја прекршила Времената спогодба. Грчки медиуми, објавија дека на средбата се разговарало и за Меморандумот за разбирање од грчка страна.
„До овој момент немаше одговор од другата страна во врска со суштинските параметри на нашиот предлог. Сметам дека грчкиот предлог е идеална основа за постигнување напредок, доколку секако постои желба и политичка волја и од страна на Скопје. Ќе ја информирам грчката влада за средбите што ги имав тука, за да се одредат следните чекори, во рамките на нашиот предлог”, изјави Василакис.
Амбасадорот Јолевски потсети дека Македонија има поднесено предлози за градење взаемна доверба.
„Македонската Влада му се заблагодарува на специјалниот пратеник и на генералниот секретар на Обединетите нации што го помагаат овој процес. Македонија останува посветена на взаемно прифатливо решение кое ќе го заштити идентитетот и достоинството на македонскиот народ и ќе биде согласно меѓународното право и меѓународните договори”, изјави Јолевски, кој додаде дека решението на спорот ќе биде од полза за целиот регион.