СДСМ го одби предлогот на Иванов за претседател на експертската комисија!
Во соопштението по тој повод од СДСМ велат дека „искрено жалат што Претседателот Горѓи Иванов свесно или несвесно зазема страна и си превзема улога која според политичкиот договор од 1 март воопшто не му припаѓа.
Предлогот за Претседател на Комисијата за истражување на настаните околу 24 декември треба да го даваат наизменично претставниците на политичките партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.“
„Денешното соопштение од кабинетот на Претседателот“, се вели во реакцијата на СДСМ, „е продолжение на наводната конструктивност која пред два дена почна јавно да ја глуми ВМРО ДПМНЕ. Владо Камбовски со тоа што бил министер во Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ, не гарантира дека неговиот ангажман во Комисијата ќе биде објективен и непристрасен.“
За ваквите ставови, за овој конкретен предлог СДСМ во неколку наврати се има произнесено во разговорите за формирањето на Комисијата.
А што се однесува до нашата конструктивност и целосна посветеност што побрзо да се формира оваа Комисија, СДСМ во разговорите меѓу другите го предложи и советникот во кабинетот на Претседателот на Р.М и потписникот на иницијативата за негово кандидирање на претседателските избори во 2009 година, Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, кој ВМРО ДПМНЕ го одби,“ стои во писмената реакција на СДСМ на денешното соопштение од кабинетот на претседателот Иванов со кое се предлага академик Камбовски да биде претседател на ад-хок комисијата за настаните од 24 декември 2012 година.