Костадинов: Срамно е пратеник и неговата пратеничка група заедно со ВМРО-ДПМНЕ да ја кочат работата на Собранието додека илјадници граѓани погодени од кризата чекаат соодветна помош од државата
23.03.2021
Целата опозиција во Собранието прави се за да се блокираат сите процеси важни за граѓаните и иднината на државата. ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица се на спротивната страна од интересите на граѓаните кои им ја дале довербата. За опозицијата во Собранието не е важно здравјето на нивните колеги, не им е важно здравјето на граѓаните, рече на прес-конференција на СДСМ, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник
– ВМРО-ДПМНЕ заедно со неформалните коалициски партнери Алијанса и Левица, заеднички учествуваат во блокирање на законите кои обезбедуваат реализација на економски мерки од четвртиот и петтиот пакет.
Срамно, безобразно и понижувачки е пратеник да им вели на граѓаните да се стрпеле некој месец без плата, за истиот тој пратеник да дојде овде во Собранието да не се појавува на седници и да зема месечна плата неколкукратно поголема од минималната плата.
Срамно е тој и неговата пратеничка група заедно со ВМРО-ДПМНЕ да ја кочат работата на Собранието додека илјадници граѓани погодени од кризата чекаат соодветна помош од државата.
Ова, почитувани е доказ за бесрамноста на опозицијата во Собранието, доказ дека ним не им е воопшто грижа ниту за граѓаните, ниту за државата.
Пратениците од сите политички партии имаат обврска пред граѓаните да си ја работата работата, за што земаат плата. Ако сакаат ВМРО-ДПМНЕ Алијанса и Левица да блокираат нека ги вратат платите овој месец, затоа што освен блокади ништо друго и не сработеа.
Покрај законите кои се однесуваат на економските мерки, опозицијата кочи и десетици закони кои се важни за развој и напредок на државата и институциите.
Законот за административни службеници, Законот за високо образование, Законот за внатрешни работи, Законот за работни односи, измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, Законот за културно наследство, Законот за нов Клинички центар, финансирањето на новиот еколошки јавен превоз во Скопје, се само дел од законите кои опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на секој начин ги кочи и блокира.
Во услови кога државата, целото општество се уште се соочуваат со коронавирусот, опозицијата се противи на продолжување на кризната состојба.
Кризна состојба на целата или на дел од територијата се прогласува уште од 2015 со мигрантската криза и досега никогаш не била оспорена или проблематизирана.
Со кризна состојба, меѓу другото, дадени се овластувања Армијата да учествува заедно со граничната полиција во обезбедување на границите, особено границите на кои има редовни појави на нелегален транзит на мигранти.
Судејќи по претходните лажни вести, следејќи ја логиката на ВМРО-ДПМНЕ, значи ли ова дека оваа партија и Алијанса сакаат во нашата држава да се населат мигранти, да се градат бегалски кампови?
Ваквиот неодговорен однос на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Собранието е препознаен од граѓаните и затоа тие повторно ќе бидат казнети.
Како парламентарно мнозинство ќе ги искористиме сите деловнички и законски можности, сите законски решенија во интерес на граѓаните да бидат донесени, реформите во интерес на државата да продолжат, додаде Костадинов.