Поповски: Сибир во Македонија – следуваат голем студ, многу дожд и снег над 60 см!

Објавено: 1 октомври, 2025, во 08:45 часот

„Под влијание на Средоземен циклон кој секундарно ќе се формира и ќе влијае на времето во Македонија уште од денес (среда 1 октомври) од вечерните часови и ноќта кон утрешниот ден (четврток 2 октомври) како и  задутре, петок (3 октомври) ќе создаде услови за облачно време со обилни врнежи од дожд. Во најголем дел од државата ќе наврне големо количество на воден талог (над 30 литри дожд на метар квадратен а локално дури и над 60 литри дожд на метар квадратен).

Во исто време од исток и од североисток, односно од Русија во Македонија ќе продира многу ладен воздух, невообичаен за самиот почеток на октомври и ќе услови засилен ветер од северен правец со многу ниски температури на воздухот. Токму поради ова на планините  и на повисоките места врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег со што ќе се формира првата сериозна снежна покривка за оваа сезона. На планините, особено оние со поголема надморска височина локално ќе се формира снежна покривка од над 50/60 сантиметри снег.

Поради понатамошно заладување, ноќта, четврток кон петок како и во петок (3 октомври), снежната граница ќе се спушти и под 1000 метри надморска височина, па така врнежи од снег ќе има и во дел од градовите на повисока  висина, особено во западните и во северните предели.

Во Скопје и околината ќе има обилни врнежи од дожд а на околните планини и повисоки места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег со засилен ветер од северен правец. И во Скопје и околината ќе има големо заладување на времето.

Што се однесува до температурите, тие во четврток (2 октомври) ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени а во петок (3 октомври) ќе бидат уште пониски и ќе се искачуваат во интервалот само од 0 до 9 степени. На повисоките и на планинските места температурите ќе бидат под нулата и ќе има појава на мраз.

Пред нас е права зима уште во првите денови од месец октомври со потпросечни температури пониски и за повеќе од 10/15 степени. Подгответе ја топлата облека  и зимските гуми на возилата, секако бидете крајно внимателни доколку патувате низ планинските превои и тоа поради очекуваните обилни врнежи од снег и снежната покривка, но и поради очекуваната појава на мраз поради минусните температури на воздухот,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.