Православен календар: Денеска е „Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец“
Игнатиј беше ученик на св. апостол Јован. Во времето на Трајан тој беше епископ во Антиохија, каде многу се прочу по својот свет живот, така што многумина го напуштаа збрканиот незнабожечки поглед на свет и се утврдуваа во верата во Христа.
На едно свое пропатување, цар Трајан дојде во Антиохија. Пред него го изведоа овој славен епископ, а Трајан го осуди на смрт и го прати во Рим. Патувајќи за Рим, Игнатиј ги охрабруваше христијаните од градовите низ кои проаѓаше. Многу од тие негови зборови се зачуваа до денес во вид на посланија. Во Рим беше фрлен на ѕверовите и со крвта на своето сведоштво го запеати светиот живот.
Житие за Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец
Овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Преданието уште вели дека е наречен Богоносец и зашто него го зел на раце воплотениот Бог Исус Христос. Во времето кога Господ ги учеше своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зеде едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Оној којшто ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18, 4). Тоа дете беше Игнатиј. Подоцна Игнатиј му беше ученик на Св. Јован Богослов, заедно со Поликарп, епископот Смирненски. Како Антиохиски епископ управуваше со Божјата Црква како добар пастир. Го воведе антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници. Овој начин на пеење му се откри на Св. Игнатиј меѓу ангелите на небесата. Кога царот Трајан минуваше низ Антиохија одејќи во војна против Персијанците, дозна за Игнатиј, го повика кај себе и почна да го советува да им принесе жртва на идолите за да биде од него поставен за сенатор. Бидејќи советите и заканите на царот останаа залудни, Свети Игнатиј го оковаа во железо и во придружба на десетмина најнемилосрдни војници го испратија во Рим, за да биде фрлен пред ѕверовите. Игнатиј му се радуваше на страдањето заради Господа и постојано Му се молеше на Бога ѕверовите да станат гроб за неговото тело и никој да не го попречи во таа смрт. По долго и тешко патување од Азија преку Тракија, Македонија и Епир, Игнатиј пристигна во Рим, каде што го фрлија пред лавовите во циркусот. Лавовите го растргнаа и го изедоа, оставија само неколку коски и срцето. Овој славен вљубеник во Господ Исус Христос пострада во 106 година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Се има јавувано повеќепати, притекнувајќи им на помош на сите што го повикуваат со вера.
Дума.мк