Православен календар: Денеска се празнува Преподобен Симеон Столпник Дивногорец
Овој прекрасен светител се роди во Антиохија, во 522 година, во времето на царот Јустин Постариот. Татко му загина во земјотрес, а тој остана сам со мајка му, Марта. Во шестата година од животот се оддалечи во пустина кај некој духовник Јован и под негово раководство се предаде на подвиг на пост и молитва, за голем восхит на сите што го видоа.
Откако претрпе страшни демонски искушенија, од Господа и од Неговите Ангели прими голема утеха и благодат. Христос му се јави во вид на прекрасно момче. По тоа видение, во срцето на Симеон се разгоре голема љубов кон Христа. Помина многу години на столб, молејќи Го Бога и пеејќи псалми. Потоа, упатуван од Бога, се оддалечи на гората која од Самиот Господ беше наречена Дивна. Според името на оваа гора и него го нарекоа Дивногорец.
Според неговата љубов кон Бога, му беше дадена ретка благодат, со помош на која исцелуваше секаква болест, скротуваше ѕверови, прозираше во далечните краеви на светот и во срцата човечки, излегуваше надвор од себеси и ги гледаше небесата, разговараше со ангелите, ги плашеше и ги разгонуваше демоните, пророкуваше, живееше понекогаш и по триесет дена без храна, примаше храна од раце на Ангели.
На него потполно се исполнија зборовите на Спасителот: „Кој верува во Мене делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши и поголеми дела од овие ќе врши“ (Јован 14, 12). Во Летото Господово 596, а во седумдесет и петтата година од својот живот, Симеон Дивногорец се престави кај Господа, за вечно да се насладува гледајќи го лицето Божјо заедно со Ангелите.
Дума.мк