Предупредување од БЈБ: Граѓаните да не наседнуваат на електронски пораки наводно испратени од УЈП и Биро за јавна безбедност
МВР ги повикува граѓаните да не наседнуваат на електронските пораките кои деновиве пристигнале кај повеќе граѓани во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, за наводна соработка со Европол, во која се известуваат дека се предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, и притоа ги повикуваат да го контактираат испраќачот.
„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани“, стои во соопштението.
Исто така, МВР предупредува да не се отвараат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел да се заштити вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.
Ги информираме граѓаните и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб страна на Управата за јавни приходи, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк. Апелираме до граѓаните да не ги отвараат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама.