Производителите на млеко незадоволни од цените, дали кајмакот друг го собира?
Еден литар трајно млеко од домашните производители е повеќе од 65 денари, а откупната цена на млекото е од 13 до 25 денари. Така, и покрај тоа што потрошувачите плаќаат високи цени, производителите на млеко не се задоволни со откупните цени и сè повеќе го губат интересот за сточарството.
– Откупната цена на млекото се движи од 13 до 25 ден по килограм. Со оглед на поскапувањата на сите инпути за производство посебно на струјата, нафтата, сточната храна, производството на млеко е двојно зголемено и ние не можеме да се покриеме со трошоците – изјави за „Слободен печат“ Стеванче Јорданоски, член на УО на Национална федерација на фармери и производител на кравјо млеко.
Тој вели дека во нашата држава целосно се откупува нашето млеко, бидејќи има недостиг на млеко и тоа се должи на намалување на сточниот фонд во државата.
– Според официјалните статистики, во периодот од 2015 до 2019 година, имаме намалување за 11.200 одгледувалишта од нивниот на вкупен број, просечниот број грла е зголемен од 7,4 на 9,3, но секторот бележи пад на вкупниот број говеда за 25 проценти. За да има поголемо количество млеко, пред сè треба да се работи на изнаоѓање правно решение за легализација на фармите, со тоа се поттикнува модернизација на фармите преку ИПАРД-фондовите, мерки што ќе поттикнат производство на квалитетно млеко и младите да останат на село, навремена исплата на субвенциите и зголемување на продажната цена на млекото – вели Јорданоски.
Во продавниците, пак, кравјиот кашкавал се доближи до 500 денари, мешаното кравјо-овчо сирење стигна до над 400 денари, 400-грамска павлака е 70 денари…
Производителите на млечни производи велат дека цената на суровото млеко, за една година, во просек се зголемила за 30 проценти, но дека, сепак, кому колку ќе платат зависи од квалитетот на млекото. Од овој сектор тврдат дека растот на цените е исклучително поради растот на влезните трошоци и дека тоа не се прави заради зголемување на профит. Притоа, особено го потенцираат растот на цената на електричната енергија.