Пронајдени црни шорцеви кои наликуваат на оние што ги носел Мартин пред да исчезне
Тринаесет денови како трае потрагата по исчезнатиот Мартин Јовановски во водите на Егејското море во Грција. Надежите за негово пронаоѓање ги подгреа вчерашното наоѓање на црни шорцеви на плажа во областа Катерини. Фотографијата била пратена до спасувачите, а наликува на шорцевите на Мартин, кој за последен пат ги носел на плажата во Посиди, на денот на исчезнувањето.
-Информацијата за идентификација на костим за капење кој наликуваше на исчезнатото лице нè донесе на бреговите на Катерини. Пристигнавме на самото место и со помош на спасувачкиот тим Пиерија – ДОП, кој ни го даде чамецот, ја пребаравме областа до делтата Аксиос, но залудно, објави шефот на спасувачката мисија ОФКАТ, Христос Рамос.
Рамос потенцира дека потрагата на спасувачите била ориентирана кон Коринос, Пидна, Аликес Китроу до устието на Аксиос покрај морето.
Мартин на 9-ти јули со двајца пријатели исчезна во водата на плажата Посеиди, кога ги однеле силните струи. Едниот беше извлечен по неколку часа, а другиот пронајден по 20 часа потрага. Од Мартин, пак, сè уште нема ни трага ни глас.
Неговото семејство минатата недела пристигна во Грција и оттогаш учествуваат во континуираната потрага по Мартин.