Расте бројот на новозаболени, но и на заразени по вторпат со Ковид-19
Бројот на новозаразени изминативе денови е во пораст.
Во земјава вчера беа регистрирани нови 1.865 случаи на Ковид-19. Од нив, 207 се реинфекции.
Министерството за здравство ја информира јавноста дека согласно анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51%, е зголемен бројот на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39(27%), 20-29(24%) и 40-49(17%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9(2%). Најголемо зголемување на заболени е кај возрасната група од 20-29 години како и кај возрасната група од 30-39 години. Во период од една недела односно од 3 до 9 јануари, пријавени се 946 реинфекции, со зголемување од 7 пати во однос на претходната недела.
Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на ИЈЗ, во периодот од 05- 10.01.2022, направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а во 104 од нив(68%) е детектирана Омикрон варијантата. Омикрон варијантата е откриена во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по 2 и Виница, Неготино, Битола по 1 заразен.
Според извештаите од болниците моментално на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41% повеќе во споредба со претходна недела. Од вкупниот број хоспитализирани пацинети, 156 се во Скопје на КИБФС, ТБЦ и ГОБ 8 Септември. Во останатите болници низ државата хоспиталзиирани пациенти има во Битола, Штип, Велес, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Кичево, Кавадарци и Струмица. Зголемен е бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти.Според епидемилошките анкети најголем дел од пацинетите имале контакт со позитивен случај 3 дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат. Министерството за здравство, апелира граѓаните кои чуствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се излоираат како би спречиле ширење на вирусот.
Засега Комисијата за заразни болести нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог, членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.
Воедно се уште е неизвесен и стартот на учебната година.
Се разгледува и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната година, но одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата.