Регистрирани 10 случаи со делта сојот, надлежните сметаат дека нема епидемиолошки ризик за ширење на вирусот

Објавено на 8 јули, 2021 во 11:04

Досега во државата се регистрирани 10 случаи со индиската мутација. Вчера четворица сомнителни случаи излегоа дека се позитивни на Делта варијантата на коронавирусот.

Според информациите на министерот за здравство, станува збор за два брачни пара од Скопје кои патувале во странство и во моментот се хоспитализирани во приватна болница. Еден пациент е во потешка здравствена состојба, а останатите се стабилни, информираше министерот за здравство.

– Нема епидемиолошки ризик за ширење на вирусот. Сега епидемиолозите прават анкети и на контактите, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Министерот потенцираше дека воопшто не се размислува за карантини на одредени градови или региони поради Делта сојот туку само за евентуални мерки на границите. Дали за влез во земјава ќе се бара тест или сертификат за вакцинација и за македонските граѓани кои се враќаат од одмор Комисијата за заразни болести ќе одлучува до крајот на неделата.

-Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, додаде Филипче.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.