РКЕ: Бензински пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво

Нафта и нафтени деривати има, но дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика.
„На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство“, појаснуваат од РКЕ.
Од Комисијата нагласуваат дека добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите.
„Некои бензински пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите. За состојбата РКЕ го извести Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги засили контролите на терен кај трговците и да се оневозможи вакво непазарно однесување кое е недозволиво и забрането. Вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија“, велат од РКЕ во изјава за МИА.
Од фотографиите објавени на социјалните мрежи, можеше да се забележат долги колони на автомобили кои чекаат на пат кон бензинските станици во Македонија. Некои од возачите се револтирани што треба да чекаат во ред и оние кои навистина имаат потреба од гориво.
