РКЕ ќе ја соопшти новата цена на електричната енергија, не се очекуваат ценовни шокови
Регулаторната комисија за енергетика денеска на прес-конференција се очекува да ја соопшти новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи која ќе важи од 1 јули. Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вчера изјави дека ќе нема ценовен шок и оти просечната цена на електричната енергија за домаќинствата нема да биде зголемена повеќе од еден процент.
На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач ЕВН Хоме беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.
-Нема да има никакви ценовни шокови, се ќе биде во рамките на одредени минимални промени. Водевме особено внимание да нема ценовни шокови. Она што ни беше многу важно е оние 15 проценти што ЕВН Хоме требаше да ги набави на слободниот пазар на електрична енергија, ги тргнавме како трошок. ЕВН Хоме ќе обезбедува енергија и на македонската берза каде во одредени периоди во текот на денот има доста поволни цени така што тие 15 проценти кои правеа сериозен притисок на цената на електричната енергија, сега нема да бидат вкалкулирани како трошок, изјави вчера Бислимоски за централниот дневник на телевизија „Сител“.
И премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека не очекува зголемување на цената на електричната енергија, посочувајќи дека се исполнети двата услова – донесени се дополнувањата на Законот за енергетика и универзалниот снабдувач ги оптимизирал количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на струјата.
-Кога го поднесував дополнувањето на Законот за енергетика имав две пораки. Првата е пратениците час поскоро да го изгласаат ова дополнување, и тоа тие го сторија, и втората порака беше до компанијата која е универзален снабдувач, тоа е „ЕВН Хоум“, да ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и за корисниците од универзалниот снабдувач. Она што го добив како информација е дека и двата услови се исполнети. Сега останува до Регулаторната комисија да одлучи, таа е независен орган, изјави Мицкоски.
Тој не се очекува да има зголемување за првата и втората категорија.
-Според моето предзнаење во оваа област не очекувам да има зголемување за првата и втората категорија или тоа би било минимално, односно под еден отсто или вкупното зголемување да биде двојно помало од инфлацијата, односно да се движи од 0 до 1 отсто. Граѓаните да бидат спокојни, зголемување на цената на електричната енергија нема да има, откако овие два услови се усполнети, а тоа очекувам да го потврди Регулаторната комисија за енергетика, рече вчера Мицкоски.
Дополнувањата на Законот за енергетика беа донесени во понеделникот на пленарна седница. Со ова законско решение, според предлагачите, ќе се обезбеди сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.
Дума.мк