Родителите поделени, Царовска уверува дека се безбедни условите учениците да се вратат во училиште
Одлуката којашто е донесена предвидува учебната година да започне со физичко присуство. Јас можам да зборувам за работи кои до денеска се донесени и за кои ние се подготвуваме, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување во „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија, за тоа како ќе започне новата учебна година.
– До Владата предложивме три сценарија уште во јуни месец. За истите сценарија беа известени и родителите и училиштата. Свое мислење даде и Главниот координативен штаб. Исто така препораките на УНИЦЕФ и на ОЕЦД се дека училиштата треба први да се отворат и последни да се зтаворат. Бидејќи најважниот интерес на детето е правото на учење. Минатата година покажавме дека со 40 отсто присутност на учениците во училиштата, не се трансмитери на вирусот – рече Царовска.
Родителите поделени околу начинот на спроведување на наставата како и програмата која ќе се изучува.
-Родителите ќе мора да поднесуваат медицински белешки за своите деца и за своите блиски. Ние бараме комплетно да е онлајн наставата за сите, зашто тоа е многу побезбедно, односно бараме да може родителот со само едно писмо до директорот да се обрати дека сака детето да му учи онлајн, притоа заобиколувајќи ги сите бирократски процедури, т.е. да нема немедицински и медицински причини туку само да се почитува желбата на родителот. Во спротивно, комплетната одговорност ќе ја има Владата заедно со Комисијата за заразни болести. истакна Ана Глигорова, „Поддршка за онлајн настава“.
Oд граѓанската иницијатива Учебници и настава мора да има, се жалат дека никој не ги послушал нивните аргументи и се заканија со повторен бојкот на наставата.
-Надлежните остануваат глуви на наши барања. Ние како родители овде сме во знак на револт, без разлика каква ќе биде наставата, најавуваме едно сценарио: нашите деца нема да ги пуштиме да учат по овие програми, нема да учат содржини за кои не сме информирани и не сме дале согласнот, изјави Драгана Спасевска, „Учебници и настава мора да има“