Се прават анализи колку бегалци од Украина би можеле да бидат згрижени кај нас
Досега немаме на граница пријавено граѓани на Украина кои бараат статус на бегалец. Се разбира има влез на украински државјани како и претходно без некое зголемување на интензитетот, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој информираше дека институциите во Македонија прават анализи дали и колку бегалци од Украина би можеле да бидат згрижени кај нас.
-Очекувам утре на седница на Влада да го имаме првиот извештај на институциите за да можеме понатаму да продолжиме со другите чекори и подготовки по однос на ова прашање, кажа Османи.
Тој вели дека од вкупно 120 мапирани граѓани од Македонија, каде дел се украински граѓани, 20 граѓани го искористиле апелот и ја напуштиле Украина пред 24 февруари, односно пред воената инвазија.
Османи додава дека по воената инвазија 20 граѓани ја напуштиле Украина и веќе се пристигнати во земјава.
-43 се во активна евакуација и се на пат за излез од Украина. Од нив 25 веќе се во околните земји, додека 18 се се уште во Украина, но патуваат кон границите во безбедни конвои, посочи министерот Османи.
Тој додава дека во своите живеалишта во Украина се вкупно 38 македонски граѓани од кои 11 се во Киев, 7 се наоѓаат во Запорожје, а 18 се во другите делови од Украина.