Со годишен концерт одбележани 67 години на Ансамбл „Керамичар“ (ВИДЕО)

Објавено на 15 септември, 2021 во 19:30

Шеесет и седум години исполнети со песни, ора, трајни и нераскинливи пријателства, радост и среќа. Долги години макотрпна работа, учење, подучување, трпеливост и генерации искусни и талентирани играорци. Ансмблот „Керамичар“ има со што да се гордее. Од него излегоа генерации врвни и професионални играорци кои настапија на бројни домашни и странски фестивали како и на турнеи, ширејќи го вековниот македонски фолклор низ светот.

Играорците одбележувајќи ја годишнината од постоење на ансамблот за своите сограѓани и вљубеници во фолклорот, приредија незаборавен концерт во Афитеатарот во Младински парк.

„И во ова модерно време со напредна технологија младите сеуште сакаат да се занимаваат со фолклор и на тој начин да ја зачуваат традицијата на својот народ и да ја пренесуваат на идните генерации. Среќен сум што Керамичар нема прекинато со работа во овие 67 години. Еве сега после пауза од годинаипол поради кризата генерално на културата во целиот свет, продолжуваме со настапи и турнеи“, рече Томе Јаневски, претседател на Ансамбл „Керамичар“.

Најголемо богатство на секој човек се пријателите. Тие го докажуваат и потврдуваат успехот на секој поединец, но и на секое друштво. Концертот на Керамичар не помина без неговите пријатели.  Делегација на  на Културно уметничкото друштво „Коџаели Измит“ од Република Турција, предводена од директорот и кореограф Мурат Искендероглу  беа почесни гости на велешкиот ансамбл.

„Изразувам голема благодарност до нашите домаќини и долгогодишни пријатели, кои ни приредија едено прекрасно доживување после подолга пауза поради пандемијата. Се надевам дека сето ова што ни се случува со Ковид 19 што поскоро ќе заврши и ќе можеме слободно да организираме концерти и турнеи и тука во Македонија и во Турција“, рече директорот Искендероглу.

Исто така гости од оваа пријателска држава дојдоа  и Јашар Сахим претседател на Детски фолклорен фестивал од Сакарја но и член на раководството на Асоцијација на фолклорни фестивали и ансамбли на Турција како и Вахит Куртулус поранешен кореограф и играорец од Сакарја.

На сцената во Амфитеатар, играорците  и помлади ветерани на Керамичар со невидена леснотија ги везеа чекорите на  народните ора „Пајдушко“, Калајџиско“, Тресеница’. Млади и талентирани и беспрекорни вљубеници во фолклорот, достоинствено ја продолжуваат македонската традиција на македонскиот фолклор.

„Јас веќе дванаесет години сум активен член на Керамичар и можам да кажам дека чувството е прекрасно да се игра на нашите преубави македонски ора. Се надевам дека вечерва оставивме силен впечаток на публиката, а ние ќе се трудиме и во иднина да го негуваме фолклорот, онака како што е достоен за почит“, рече Ненад Драскачев.

„Јас бев активен член на Керамичар 10 години и еве вечерва сум пресреќна што ме поканија да бидам дел од  концертот по повод годишнината на ансамблот“, рече Николина Петреска

Ансамбл „Керамичар“ е дел од богатата културна ризница на Велес, со долга традиција и генерации играорци. Дума.мк им ја честита годишнината и им  посакува уште многу успешни години во својата работа. 

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.