Собранието изгласа, пензиите ќе се зголемат
Собранието ги изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Предлог-законот за изменување на Законот за Собранието на Република Македонија
Со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се усогласува движењето на индексот на трошоците на живот во висина од 50 проценти и пораст на просечната плата исто така од 50 отсто, а дополнително, како дел од антикризните мерки секој пензионер три месеци по ред ќе добива и по 1000 денари.
-Со новата методологија добиваме решение каде што усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечната плата на сите вработени во државата, во висина од 50 отсто. Според ова, пензиите понатаму ќе се усогласуваат на 1 март и 1 септември, секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие, изјави Илија Николовски претседателот на Партија на пензионери.
Николовски додаде дека ова е голем успех за пензионерите, бидејќи се задржува принципот на пензијата како економска, а не социјална категорија и се добива одржливо решение кое нема да зависи од тоа кој е на власт.
Од септември 2022 година околу 330.000 пензионери ќе добијат зголемување на пензиите, што во просек ќе растат по околу 900 денари.
Исходот од денешното гласање во Собранието преку социјалните мрежи го поздрави и премиерот Димитар Ковачевски.
„Честитки за пензионерите! Законските измени кои ќе обезбедат повисоки пензии и континуиран раст во иднина, вечерва се изгласа во Собранието. Речиси 330.000 пензионери ќе имаат историски највисоки пензии и во просек во домашниот буџет ќе имаат околу 12.000 денари повеќе на крајот на годината“, напиша Ковачевски на Фејсбук.