Состојбата со вирусот е стабилна, третман на постковид пациентите во фокус на надлежните
Во моментов состојбата со КОВИД-19 во државата е стабилна.
-Состојбата е стабилна и линеарна. Секој ден добиваме исти бројки, така што засега е мирно и немаме некој аларм што се најавува за во иднина, смета министерот за здравство, Беким Сали.
Тој вчера најави дека Комисијата за заразни болести ќе продолжи со работа во насока на планирање како да се справиме со постоковидот, а како што рече, целта е и симулација на можна појава на петти бран на ковид инфекции.
–Најавив дека Комисијата ќе продолжи со работа, можеби не со истото темпо, меѓутоа со работа што ќе означува едно планирање како да се справиме со постковидот, дали ќе биде тоа еден објект во кој ќе се третираат сите постковид компликации кај пациенти или пак ќе бидат повеќе клиники ангажирани околу тие пациенти, како ќе ги третираме нив… Една од целите ни е симулација на можна појава на петти бран ковид инфекции. Работиме на тоа. Моментално сме на планирање на третманот на постковид пациентите, рече Сали.
Досега во земјата се направени вкупно 2.038.551 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 310.859, бројот на оздравени пациенти е 301.035, на починатие 9.291, а бројот на активни случаи изнесува 533.