Спасовски: Од Авганистан доаѓаат високообразовани луѓе, борци за човекови права, а не милитанти
Бегалците од Авганистан во Македонија ќе бидат сместени во хотели или мотели, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во текот на вчерашното гостување во емисијата „10 Минути“ на ТВ21, додавајќи дека станува збор за лица кои работеле во мисиите на ОН и на САД.
– Не станува збор за милитанти и екстремисти, туку за цивили, високообразовани луѓе кои се залагале за човекови права. Тоа се државјани на Авганистан кои работеле во мисијата на Обединетите нации, во мисијата на САД, Националниот демократски институт или во невладини организации кои што се занимаваат со човекови права, како и членови на нивните семејства. Не станува збор за мигранти коишто го напуштаат Авганистан. Тие ќе бидат тука одреден временски период и после тоа заминуваат или во САД или во некоја друга држава каде што им се обезбедува можност за престој – наведе Спасовски.