Стартува нова кампања за безбедност во сообраќајот: „Каде брзаш? Не брзај за да стигнеш!“

Објавено на 3 јуни, 2025 во 10:24

Со цел подигнување на јавната свест за важноста на внимателно учество во сообраќајот, од денес започна новата кампања „Каде брзаш? Не брзај за да стигнеш!“, иницирана од ОКТА во соработка со Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Кампањата, која се реализира преку платформата за општествена одговорност „Јас Внимавам“, ќе вклучи низа активности што преку иновативен пристап ќе информираат, едуцираат и предупредат за опасностите од неодговорно однесување на патиштата.

-Безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите во нашата стратегија за општествена одговорност. Веруваме дека преку едукација и превенција можеме да ја подобриме сообраќајната култура и да придонесеме за намалување на незгодите, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос.

Според МВР, состојбата на терен укажува на потреба од поширока соработка и ангажман на различни чинители во превенцијата на сообраќајните незгоди. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека информирањето и едукацијата се клучни за создавање побезбедна сообраќајна средина.

Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, предупреди дека брзиот начин на живот влијае врз зголемениот број сообраќајни несреќи, што дополнително ја нагласува важноста на вакви кампањи кои го поттикнуваат одговорното однесување кај сите учесници во сообраќајот.

Платформата „Јас Внимавам“, преку која се реализира кампањата, веќе беше призната како најдобра национална општествено одговорна практика во 2017 година, меѓу 24 проекти од 15 големи компании.

Кампањата ќе се спроведува во текот на наредните месеци, преку разни медиуми и теренски активности.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.