Словенечката Влада пред распаѓање?!

Објавено на 22 јануари, 2013 во 22:57

Во љубљанската вила Подрожник се одржа состанок на лидерите на владеачката коалиција кој можеби беше последниот обид да се одржи словенечката влада.

Според зборовите на претседателот на Граѓанската листа и претседател на словенечкиот парламент Грегор Вирант, „ништо не се променило“.

 

После затворената средба на премиерот Јанез Јанша со челниците на останатите четири странки на владеачката коалиција, Вирант рекол дека е договорено по средбата да не се даваат изјави и соопштил лично мислење „ништо не се променило“ на тој начин потврдувајќи дека коалицијата најверојатно се распаѓа, јави агенцијата Хина.

На полноќ истекува десетдневниот рок кој Вирант му го даде на Јанша за да се повлече од премиерското место и тој лично или неговата Словенечка демократска странка SDS да предложат нов кандидат за претседател на владата, ако сакаат Граѓанската листа да остане во коалиција.

Политичката криза во Словенија кулминираше после објавениот извештај на Антикорупциската комисија која пред две недели ги обвини Јанша, челниците на опозицијата, љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ за кршење на законот за борба против корупцијата и интегритетот на државните функционери бидејќи не транспарентно ја пријавувале вистинската состојба на имотот и банкарските сметки.

Вирант најави дека ако Јанша не поднесе оставка до полноќ, до утре вечер Граѓанската листа ќе донесе одлука за повлекување од владата а тој лично ќе поднесе оставка на местото претседател на Парламентот.

Слични чекори најавија и лидерите на уште две партии во владата на Словенија, Карл Ерјавец од Демократската партија на пензионерите кој е актуелен министер за надворешни работи и министерот за стопанство Радован Зерјав од Словенечката народна партија. Тие сеуште не ги соопштиле роковите за повлекување од владината коалиција.

Неколкумина словенечки аналитичари оценија дека ако владата на Јанша би го загубила мнозинството ќе може да се одржи уште неколку недели или месеци. Други тврдат дека сепак ќе дојде до составување на нова коалиција која на парламентот ќе му предложи мандатар за составување на преодна или техничка влада.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.