Фигаро: Семејство избркано од Музејот Орсеј поради лош мирис!
„Парите немаат мирис, но сиромаштијата има“, напиша Пол Леото.
Едно сиромашно семејство се потсети на тоа во саботата, при посетата на музејот Орсеј во Париз, известува француски „Фигаро“. Брачен пар и нивниот син на околу десетина години безгрижно шетаа помеѓу сликите и статуите на врвните уметници кога стражарот ги замоли да го напуштат музејот. Семејството не сфати. „Посетителите се пожалија на нивниот мирис“- беше одговорот.
Волонтер од движењето ATД (Да делуваме за достоинство) го пријави инцидентот. Овој млад човек решил да придружува семејство во големи потешкотии при посетата во музеј, потсетувајќи се на иницијативата на министерката за култура Орели Филипети, која во декември на четиристотини хуманитарни организации им довери организирани посети на париските изложби со ставот: “Културата е вектор на борба против нееднаквоста“.
Момчето најпрвин одбило да ги послуша, со забелешка дека никој не се пожалил и дека ниту едно правило не им забранува на сиромашните да ги посетуваат музеите, но во салата на одделот за модерна уметност, една од послабо посетените, тие биле опкружени од четворица уште поубедливи стражари. Семејството одново се нашло на тротоарот поради хигиенско прашање. Кога ги контактирале од „Фигаро“ музејот во Орсеј изразил жалење за инцидентот и нагласил дека жали за „лошото однесување“ на своите вработени.
