Министерот за полиција на БиХ предизвикал сообраќајка и избегал!
Министерот за внатрешни работи на БиХ, Предраг Куртеш го управувал голфот кој на 28 јануари во центарот на Сараево се удрил во друг автомобил и по сообраќајката избегал.
Како што денеска јавија сараевските медиуми, Куртеш, после несреќата се скрил во блиската зграда.
Ова било откриено откако полицијата ги прегледала снимките од камерите во центарот на градот вклучувајќи ја и улицата Валтер Периќ, каде што се случила сообраќајката.
Двете жени од автомобилот марка поло во кој удрил голфот рекле дека го управувал министерот Куртеш но на почетокот министерството за внатрешни работи ја негирало информацијата.
Во изјавата за полицијата, жените, напишале дека Куртеш по несреќата се оддалечил од местото на случувањето.
Во сообраќајката е причинета мала штета на двете возила и немало тешко повредени.
На министерот поради оддалечувањето од местото на несреќата ќе му биде поднесена пријава за сторен сообраќаен прекршок.
