СЗО: Новите видови на коронавирусот нема да предизвикаат нов бран
11.02.2021
Ширењето на различните видови на коронавирусот нема да предизвика нов бран на пандемии, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
Тој во интервју за шпанскиот весник „Паис“ рече дека новите видови се болен потсетник дека вирусот продолжува да ги погодува луѓето.
Клуге, сепак, истакна дека ова не е нов вид на вирус, туку дека мутациите се нормална еволуција на секој патоген што се обидува да се прилагоди на „домаќинот“, односно човекот.
„Ова не е почеток на нова пандемија, но мора да бидеме многу внимателни“, предупреди Клуге.
Според официјални лица на СЗО, претпазливоста е клучна во сегашната ситуација бидејќи новите видови на вирусот можат да предизвикаат повторна инфекција и побрзо ширење на инфекцијата, што може да биде голем предизвик за здравствените системи на некои земји кои се соочуваат со пандемија, пренесе ТАСС.
Клуге истакна дека новите видови на вирусот можат да влијаат на ефикасноста на вакцините бидејќи од претходното искуство со обичен грип се знае дека е потребна поинаква вакцина за одредени видови.
Експертот тврди дека може да има поголема смртност ако вирусот започне брзо да се шири и ако се зголеми мобилноста на вакцинираните лица.
– Мораме да бидеме искрени – 2021 година ќе биде уште една година со Ковид-19. Сепак, ќе биде попредвидлив и полесно ќе се контролира – додаде Клуге.