Велика Британија смета дека нема потреба од ковид пасоши, граѓаните ќе добиваат потврди ако бараат други држави
16.02.2021
Велика Британија ќе им даде на своите жители потврди за вакцинација против ковид-19 доколку тоа го бараат други држави, иако не е планирано да се воведат за употреба дома, изјави денеска министерот задолжен за вакцини Надхим Захави.
„На меѓународно ниво, ако на други земји им е потребна потврда за вакцинација, мислам дека е правилно да им го овозможиме тоa.Не планираме да воведуваме употреба на пасоши за вакцинација во домашна употреба. Како што опиша премиерот, тоа ќе биде национална програма за вакцинација во комбинација со брзо тестирање, мислам дека тоа е пат напред“, рече Захави во интервју за Би-Би-Си
Захави исто така рече дека Велика Британија очекува следниот месец да се зголеми снабдувањето со вакцини. Тој изрази уверување дека ќе се исполни целта 32 милиони луѓе од главните приоритетни групи да ја добијат првата доза од вакцината до крајот на април.
„Гледам многу поголем опсег во март и април – пристигнуваат десетици милиони дози“, рече тој.
Во борбата против епидемијата во која во Велика Британија починаа повеќе од сто и седумнаесет илјади луѓе, владата на Борис Џонсон сака до крајот на април да вакцинира девет групи од населението што ги смета за приоритет, вклучително и сите луѓе постари од педесет години.
