Сенди однесе 98 жртви и остави пустош зад себе

Објавено на 2 ноември, 2012 во 10:23

Њујорк веќе  започнува да се соочува со недостиг на храна и гориво во делови на градот, каде снабдувањето е отежнато поради поплавите предизвикани од ураганот Сенди. Во голем број бензински пумпи во Њујорк и во соседниот Њу Џерси вчера имало долги редови на возила, а избиле и тепачки меѓу возачите, особено кога ќе се пронел глас дека пумпата е при крај со гориво.

Огромната постројка Линден во Њу Џерси, од каде голем дел на Њујорк се снабдува со гориво, останал без струја и не може да ги полни цистерните.

Други, помали магацини за гориво, биле поплавени. Рафинериите, магацините за гориво и бензинските пумпи се на приоритетната листа за дистрибутивните компании за поврзување на струја, но работата се уште не е завршена.

Во Стејтен Ајленд граѓаните се соочени и со недостиг на храна, и гориво за греење на ниските температури.

Повеќето смртни случаи од ураганот Сенди во Њујорк беа на Стејтен Ајленд, а околу 80.000 жители на островот се уште без струја.

Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо вчера најави испраќање на подвижни кујни во деловите на градот каде недостасува храна, како и ангажман на Црвениот крст за снабдување со хуманитарна помош.

Тој упати отворено писмо до директорите на најголемите електро-дистрибутивни компании во неговата држава, во која ги предупредува дека ќе се соочат со казни ако не го забрзаат поврзувањето на исклучените граѓани и компании на мрежата, како и поради тоа што не се подготвиле доволно добро за ураганот иако имале недела дена време. Куомо дури се закани со одземање на лиценците на дистрибутерите и бара смени во раководствата.

Бројот на жртвите од бурата Сенди во САД и во Канада се искачи на 98.

Во сојузната држава Њујорк загинаа 47 лица, од кои 39 се во градот Њујорк.

Во Њу Џерси бројот на жртвите е 13, во Мериленд – 11, во Пенсилванија – девет, во Западна Вирџинија – шест, во Конектикат – четворица, во Вирџинија и Северна Каролина – по двајца.

Во канадскиот град Торонто, Сенди однесе еден живот.

При налетот на ураганот во Карибскиот регион загинаа 69 луѓе. Најголем број на жртви има на Хаити – 54, додека на Куба загинале 11 лица.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.