Турски државјанин се заглавил во предел близу граничниот премин со Бугарија, безбедно извлечен откако се јавил на 112
Турски државјанин вчера се заглавил во предел меѓу селото Ново Коњарево и граничниот премин со Бугарија. Откако се јавил на бројот за итни случаи – 112, Регионалниот центар за управување со кризи-Струмица веднаш контактирал со СВР Струмица, а граничната полиција излегла на терен и го пронашла лицето, коешто безбедно е извлечено од теренот.
Центарот за управување со кризи информира дека сè уште има пожари на шуми и вегетација на отворено. Во последното деноноќие имало десетина пријави за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.
ЦУК апелира да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, а и отпадоци, ѓубришта и контејнери на отворено, бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух и граѓаните да ги слушаат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари.
Истовремено, ЦУК потсетува и за внимателност при прошетките во природа, на повисоките места и планините во нашата држава, бидејќи при зимски услови на места со снег и мраз е лизгаво, особено на осоите на почетокот и на крајот од денот.
ЦУК информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.169 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 36,42%, а 63,58% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 57,85%, кон Итната медицинска помош 31,42%, а кон пожарникарите 9,20% од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 1,53% со другите 63,58% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.383 на број и биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Дума.мк