(Видео) Ангелов побара помош и од велешките пожарникари за пожарот во фабриката за бои и лакови

Во пожарот во магацинот на фирмата Евроком кај тетовско Фалише изгореа бои и лакови и друг вид хемикалии, па надлежните препорачаа да се ограничи движењето во тој дел од Тетово, граѓаните да останат дома и со затворени прозорци.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, по првичната координација на ЦУК за опасниот пожар кај село Фалише се упати во Тетовско.
-Според пријавата за пожар во ЦУК, преку Единствениот број за итни повици 112 гори во фабриката за бои и лакови ,,Еуроком”. Пожарникарите од ТППЕ Тетово веднаш се излезени на терен. Од Ангелов е координирана помош од пожарникарите од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово. Побарана е и помош од гостиварски приватни фирми коишто можат да помогнат со машинерија, бидејќи ситуацијата е алармантна за расчистување на материјалите што се во магацинот, а не се фатени од пожарот, соопштија од ЦУК.
Според стручните лица согорувањето на вакви материјали создава отровни и штетни гасови во воздухот.
-Во моментов имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, пожарникарите се изложени. Диоксини и фурани се опасни материи, штетни материи. Наша препорака е без потреба да не се биде на ова мести и во радиус од два километри луѓето да бидат дома и да не излегува население. Потоа ќе се испита водата и почвата, изјави д-р Ратко Давидовски од Центар за јавно здравје чија екипа беше на местото на пожарот.
Инаку, Ангелов координираше и за ангажман на хеликоптер од МВР, но временските услови во Тетово, густа магла не дозволуваат гасење на пожар од воздух во овој момент.
Дума.мк
