Во Маврово повторно се спуштија мечки, Ангелов објави видео од местото
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов објави ново видео од мечки во засегнатиот реон во општина Маврово и Ростуше. Како што сподели Ангелов, овојпат мечки биле забележани на патот Маврови Анови кон Дебар.
-Синоќа за малку ќе настрадаа мечка со две мечиња додека се движеа по магистралниот пат од Маврови Анови кон Дебар. Нештата изгледаат поинаку додека ги гледаме од безбедно на нашиот мобилен телефон. Блиските средби изгледале сосем поинаку. Барем така тврдат жителите на овие села а јас немам причина да не се согласам со нив, напиша Ангелов со прикажаното видео.
Во вторникот, Ангелов објави видео како кафеава мечка повторно се спуштила во селото Жировница, доаѓајќи до самите куќи во селото.
По поплаките на жителите од Општина Маврово-Ростуше дека од мечките кои се симнуваат во селата и влегуваат во нивните дворови им е загрозена безбедноста, Владата го разгледа барањето за прогласување кризна состојба и за преземање на итни мерки и одлучи во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката, а од локалната самоуправа се бара да ги ислисти дивите депонии.
Ангелов соопшти дека има секојдневни напади на пчеларници, но и секојдневни случаи на убивање на овци, кози и крави, кои локалното население ги чува во и околу селото.
Директорот на ЦУК напомена дека отстрелувањето на мечките е најнеблагодарната и најнеблагородната работа, кон која не се стремат, но порача дека животот на граѓаните е секогаш на прво место.
Дума.мк