Законот за дивоградби во Собрание: „Целосно е преправен и корегиран“
Собранието денеска треба да ја продолжи 62-та седница со Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка во туризмот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово. На дневен ред на оваа седница во прво читање се и Предлог законот за регулирање на статус на бесправно изградени објекти.
Законот за дивоградби е во собраниска процедура. Ако Парламентот е подготвен за дебата, тука сме да ги отвориме сите прашања, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Бочварски истакна дека законот е целосно преправен и корегиран, како и дека се земени предвид предлозите на граѓанските здруженија и организации.
-Државата е исправена пред овој предизвик, да се донесе законот. Ние целосно го преправивме. Направивме и многу други чекори со кои ги послушавме и испочитувавме граѓанските здруженија и организации за законот да биде прифатлив и за граѓаните и за Парламентот. Законот е веќе во собраниска процедура, а ако Парламентот е подготвен да дебатираме, тука сме да ги отвориме сите прашања зашто законот е потребен и за националните и за општинските инфраструктурни проекти, но пред се за граѓаните кои сакаат да ги стават во легална рамка своите објекти. Кога ќе бидеме повикани како Влада, ќе бидеме во Собранието за да дискутираме за подобрување и донесување на законот. Заглавен е во Собрание и очекуваме дискусија на комисиска расправа, рече Бочварски.
Исто така пред пратениците ќе биде и предлогот законот за инспекциски надзор во животната средина и Предлог законот за вршење сметководствени работи.
Пратениците треба да распорваат и за Предлог законот за изменување на Законот за Царинската тарифа, Предлог законот за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Северна Македонија за денационализација, Предлог законот за изменување на Законот за платниот промет и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.
Собранието на седницата треба да расправа и по Предлог законот за изменување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка, поднесен од пратениците Петар Ристески, Зоранчо Јованчев, Силвана Ангелевска, Олга Лозановска, Ане Лашкоска, Златко Пенков, и по Предлог на декларацијата за борба против корупцијата како стратешки приоритет на државата и државните политики.