Коњановски: Имавме успешен гроздобер

Објавено на 3 ноември, 2012 во 16:13

Македонските винарии, годинава, ќе преработат во вино вкупно 140 милиони килограми винско грозје. Толку од годинешнава реколта откупиле сите визби заедно.

 

Од нив 125 милиони килограми ги произвеле индивидуалните лозаропроизводители а 15 милиони килограми грозје биле набрани од површините со кои располагаат визбите. Годинава значителна количина грозје заминала за извоз. Пресметките покажале дека 25 милиони килограми винско грозје е извезено од Македонија кај нашите соседи, а над 45 милиони килограми трпезно грозје исто така завршиле на странските пазари. Овие податоци ги презентира заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски при посетата на Кавадарци.

“Можам да констатирам дека годинешнава цена за килограм грозје беше добра, од 10 до 12 денари за винското грозје и околу половина евро или 25 до 30 денари беше цената за килограм трпезно грозје. Тоа е поттик за понатамошен развој на овој регион“, рече Коњановски и оцени дека благодарение на соработката меѓу лозарите, винарите и Владата годинава имало успешен гроздобер, различен од минатите години.

Тој се осврна и на помошта што државата им ја дава на земјоделците во Тиквешијата, пред се на лозарите. Нагласи дека  околу 40 милиони евра за три години  по основ на субвенции добиле земјоделците од Тиквешко. На лозарите им вети дека Владата и во наредниот период ќе им дава подршка.

Заменик министерот проговори и за разговорите од посетата на АД “Гоце Делчев“. Рече дека оваа компанија претставува пример во земјава и покажува дека и од земјоделство добро се остварува.

“Се радувам оти имаме вакви компании кои се носечки столб на земјоделството. Имаат околу 800 хектари површина засадена со лозов насад од кои една третина се десертно грозје, а остатокот винско грозје. Она што е најважно, оваа компанија има добра соработка со институциите, со земјоделските факултети и науката затоа што без имплементација на наука и без советодавни услуги од земјоделските факултети или агенцијата за унапредување на земјоделството, нема да има успех во земјоделството. Овде има и добра примена на агротехничките мерки, околу 60 проценти од лозовиот насад е со систем капка по капка, современо производство“ објасни Коњановски.

Заменик-министерот информира дека во завршна фаза е отпочнувањето на изградба на систем за наводнување во месноста “Сува Гора“ каде има околу 100 хектари земјоделско земјиште.

Коњановски  соопшти дека освен АД“Гоце Делчев“ кое планира да отвори винарска визба со капацитет од околу 14 милиони килограми винско грозје, во Тиквешијата, постоела најава за изградба на уште една винарија со странска инвестиција додека 6 локации во регионот биле продадени за градба на мини винарии.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.