Колку македонците пијат вино?
Многумина од нас си го поставуваат прашањето дали Македонија навистина е земја на виното? Според некои проценки, Македонија не е земја на виното затоа што се пие помалку од 10 литри по глава на жител.
Во земјите кои доминираат во консумирање на вино се пие од 40 до 80 литри по жител, а за Италија и Франција пак се раскажува дека во 70 те години на минатиот век таму се пиело и по 120 литри по жител.
Според податоците од Државниот завод за статистика во 2011 година македонските граѓани на возраст над 18 години просечно испиле по 2 литри вино и 0,9 литри ракија. 780.769 хектолитри вино на точење беше производството на вино минатата година и 159.019 хектолитри вино во шишиња. Во последниве години трендот на производство на вино во шишиња е во пораст и се движи од 149.372 хектолитри во 2010 година, до 159.019 хектолитри во 2012 година.
Интересен е податокот дека за оние земји кои се сметаше дека се земји на пивото во последно време преминуваат во вински земји. Тука се мисли на САД и Австралија,Велика Британија и Германија. Исто така за Кинезите виното некогаш било непознат поим ,сега во Кина виното е симбол на културата за која се очекува дека за некои две децении оваа земја ќе стане најголем производител и потрошувач на вино.
Состојбите во винската индустрија постојано се менуваат но секогаш предничи доброто произведено вино кое кај нас е дел од една долга традиција,култура и историја. Посебно значење на производството на вино се дава во последниве петнаесетина години кога државата конечно сфати дека за развој,напредок и промоција на една земја добар промотор е виното,негов развој и бизнисот со него во кој во последно време се вложуваат големи средства.
Кај нас во овој период изградени се околу седумдесеттина винарски визби,сите со современа технологија кои гарантираат добар и квалитетен производ. Со новите винарии дојдоа и нови навики,сфатија винарите дека многу поисплатливо за нив е да се продаде вино пакувано во шишиња отколку да се продава надвор од земјата во цистерни како наливно. Оваа година Македонија може да извезе 31,4 милиони литри наливно вино и 8,5 милиони вино во шишиња во земјите од Европската Унија. Инаку податоците од 2012 година говорат дека извозот на македонското вино на странските пазари има континуиран пораст,каде извозот на вино е зголемен за околу 18%, а за 25% е остварен девизен прилив во споредба со 2011 година./ Б.Н.Т