Заштитете ги лозјата од пепелница!
Буен е порастот на виновата лоза во месец јуни. Затоа лозарите сега, во овој период имаат многу активности за да произведат квалитетно грозје.
Квалитетот на грозјето и годишниот принос во многу зависат од квалитетната и навремена заштита. Сите агротехнички мерки мора да се спроведваат континуирано, советуваат стручњаците.
Во овој период потребно е насадите да се третираат со системични фунгициди за превенција од пепелница.
Симптоми на болеста
Пепелница се развива на површината на зелените органи на лозата. На листот во почетокот се појавуват тешко, а потоа и лесно видливи бели до сиви пеги. Распространета е насекаде каде што се одгледува винова лоза. Се јавува со голем интензитет и со штетни последици во топлите реони. Болеста интензивно се развива во затворени и слабо проветрени локалитети.