Тутунарите пред уште една мачна и неизвесна реколта
Најголемиот тутунопроизводствен регион во земјава, прилепско е пред уште една мачна и крајно неизвесна реколта. Традиционално шеговитите прилепчани слично како и лани така и оваа година најзаинтересирани се за временските услови, јави Радио Канал 77.
А тие, откако ги завршија процедурите околу документацијата за новата реколта, не им одат од рака. Неповолните временски услови го пролонгираат, а според најавите за нови врнежи можат дополнително да го искомплицираати доведат во прашање целото производство.
Инаку како резултат на измените во регулативата за новата реколта, кои на крајот малку беа олабавени, а веројатно и поради најниската откупна цена последниве 5 години остварена лани од 120-тина денари, годинава во подрачната единица на Министерството за земјоделие беа издадени 2.500 евиденциони листови помалку од лани, односно 11.100 семејства го пријавиле своето производство во ресорното министерство.
Иако законскиот рок за потпишување на договорната обврска меѓу кооперантите и комбинатите истекува на 10-тти април, некои фирми ги објавија цените во договорите, други тоа се уште не го направиле, а нема информации дали најавените нови откупувачи почнале со склучување на договори со своите идни кооперанти и какви услови и поволности би им понудиле. Од она што е досега обелоденето како и лани, иако растот на трошоците за производство е евидентен, во договорите има зголемување само на горните две класи кои во вкупниот принос учествуваат со една третина. Така првата класа е меѓу 260 и 270 денари, втората околу 190 денари, додека останатите класи се на ланското ниво-третата 138 и четвртата само 55 денари.
Како и да е на тутунарите им преостанува деновиве да го искористат секој час добро време и да го завршат процесот на засејување на тутуновото семе во леите како почетна операција за новото производство. Ако се имаат предвид најавите на синоптичарите дека следат нови дождови, но период со доста верски празници кои се неработни, секој ден за завршување на работите е драгоцен, а во спротивност лошото време може не само да го доведе во прашање квалитетот на расадот што ќе се произведе туку и целокупната реколта и нејзиниот квалитет.