ЗНМ и УНДП доделија награди на тема „Креативност и новинарска етика“
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска свечено ги доделија наградите за „Креативност и новинарска етика“
Првата наградата е доделена на новинарот Михаил Милошевски од 360 степени со сторија со наслов „ Бугарскиот клуб на Косово што го отвори Јотова – под клуч “. Се работи за југозападниот дел на најмладата европска држава, Косово и се наоѓа областа Гора. А таму, покрај Албанци и Бошњаци, голем дел од населението се декларира како Горанци – народ со муслиманска вероисповест кој говори јужнословенски јазик.
Втората награда беше доделена на Ардит Рамадани, од медиумот mollekuqja.mk ,со сторијата со наслов „ Статистика: Жените во МК не го добиваат својот фер дел, традицијата е посилна од законот“. Во оваа сторија се споделува статистика каде жените во Северна Македонија се откажуваат од наследството за да не ги расипат односите со своите браќа. Според регионите, во Полог има помалку жени сопственици, а само 17 отсто од жените поседуваат имот во Тетово и Гостивар.
Третата награда беше доделена на четири новинарки – на Вања Мицевска и Весна Коловска за трите стории поврзани во низа со наслов: „(Не)оправданите стравови го извадија „оружјето“ на борците за традиционалните вредности во регионот“, „Во битката против родовото редефинирање тргна сојуз на верски и граѓански организации, политички партии и антиваксери“ и „Кога мажот станува жена го преполни јавниот простор со поделби, говор на омраза и манипулација“ и на Валентина Вурмо и Анета Ристеска за обработка на темите со наслов „Системот е продолжена рака на насилството, насилниците се извлекуваат со условни казни“ , објавена на Лицевлице.мк.
Покрај наградените, денеска посебно признание и беше врачено на Елена Гаговска за сторијата „Анатомија на убиството во Кочани“.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните ја истакна важноста од постоење на желба за истражување и етички пристап кон работата, како единствен начин за борба против напливот на информации во дигиталната ера:
Во време кога информациите се во голем број и лесно достапни, улогата на новинарите никогаш не била покритична. Ние не сме само пренесувачи на вести; ние сме раскажувачи, истражувачи и чувари на вистината. Наша задача е да ја презентираме, да информираме и едуцираме и да бараме одговорност од власта. Меѓу апликациите кои пристигнаа имаше навистина различни профили на стории, факт кој ме радува навистина затоа што докажува дека колегите имаат мотивација да работат уште повеќе. На овој начин можеме да ја пробиеме вревата на дигиталната ера. Знам дека е голем предизвик да се работи во општество како нашето, но не смееме да се откажуваме. Во свет каде дезинформациите се неконтролирани, нашите етички стандарди се поважни од кога било.
Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава ја акцентираше потребата од ваков вид настани со цел да се идентификуваат дезинформациите и лажните наративи во општеството:
-Имам привилегија да се обратам на овој настан за новинари, медиумски професионалци, претставници од амбасадите, меѓународните организации и граѓанскиот сектор. Објавувањето на новинарските награди за креативност и новинарска етика преку разоткривањето на дезинформациите ја симболизира заедничката посветеност на зајакнувањето на нашите способности да се спротивставиме на дезинформациите, лажните вести и дезинформациите засновани на пол, кои претставуваат своевидна современа закана за демократијата и слободата на говорот. Соработката со ЗНМ е со цел да ги идентификуваме и наградиме најкреативните и најиновативните новинари кои подготвиле стории со дезинформации и лажни наративи во нашето општество. Наградите се длабоко поврзани со нашите напори за борба против дезинформациите и промовирање на родово чувствителни известување, а со тоа зајакнување на интегритетот на новинарот – рече Григорјан.
Целта на повикот за награди беше да се мотивираат новинарите со апликации кои пред се ќе бидат фокусирани на медиумски објави преку кои се анализираат дезинформации во општеството и неточни наративи, без оглед на нивниот извор. Наградите се посветени на борбата против дезинформациите и промовирање на родово чувствително известување, поттикнувајќи го јакнењето на новинарскиот интегритет.
Иницијативата ја спроведува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во партнерство и со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Активноста е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со погрешни информации и родово базирани дезинформации“, кој се имплементира со финансиска поддршка на Данска, Луксембург, Република Кореја и Шведска, во рамки на програмата UNDP Funding Windows.
Дума.мк