ЗНМ: Остра осуда за упатените јавни закани за насилство кон новинарите и медиумските работници, изнесени во контактна емисија на ТВ24
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро реагира и ги осудува јавните закани, говорот на омраза кон сите новинари и медиумски работници и кон новинарот Огнен Јанески кои беа упатени од страна на гледач во две контактни емисии на 27 јуни 2023 годинa, на ТВ 24.
Поконкретно, во текот на вчерашното издание на емисијата „Во тек“на телевизија 24, која што е од контактен формат, анонимен гледач изнесе закани за тепање на сите новинари од телевизиите, што претставува говор на омраза кон целата новинарска фела, медиумски работници и телевизии вооопшто.
Истото лице преку дополнително јавување во попладневната емисија „Очи в Очи“, вербално му заканил на колегата Огнен Јанески со зборовите: „И овие што се јавуваат и што те поддржуваат, те дигаат до небо, ќе те соборат. Истите тие пак. Ти благодарам за тужбата што ќе ми ја поднесеш. А ќе се сретнеме ние двајца и на друго место, кај што живееш ти“, чин што претставува загрозување на неговата безбедност.
Ваквата постапка сметаме дека е крајно недозволива и е директен притисок и закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, но и врз слободата на говорот.
Случајот е пријавен до надлежен јавен обвинител и бараме ОЈО да спроведе брза истрага за ваквите случаи да бидат санкционирани веднаш.
Овој вид на коментари можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедност преку поттикнување на насилство. Крајно време е да се сфати сериозноста на ваквиот вид вербални напади и да се стави крај на несанкционираното однесување на одредени претставници на јавноста.
Според законските измени на Кривичниот закон од февруари 2023 во делот за загрозување на сигурноста предвидуваат нов квалификуван облик, кој освен повисоки казни за повреда на овие права на новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи, обвинителството ќе постапува по службена должност.
Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години.
Дума.мк