(ВИДЕО) За мајсторството на длетото и чеканот во рацете на неготинските сопружници, копаничари!

Објавено: 26 февруари, 2013, во 23:06 часот

За копаничарството се вели дека претставува еден од најстарите занаети на овие простори. Во градот на виното, вековната традиција од познатите неготински мајстори – копаничари се одржува до ден денешен.

Тие своите чувства ги покажуаат во самото длабење на површината на дрвото,со што оставаат незаборавни траги кои сведочат за минатото но и за сегашноста.  Мајсторите на овој занает велат дека иако сега во поново време постојат машини за изработка на дрворези само рачната обработка овозможува на дрвото да му се даде душа. Резбата претставува живот,поточно благодет кој го дава природата а карактеристично е што секоја творба е уникатна и се разликува од претходните,раскажува копаничарот Василевски.

{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=4lWrMwCOLNo{/youtube}„Резбаме претежно на орев. Кај нас во Македонија претежно се резба на ореово дрво,тешко се набавува но, сепак се снаоѓаме некако.Луѓето не се известени дека ореовото дрво треба да се суши и ако сакаме брза резба да имаме не го сушат добро а најубаво е да се суши природен орев на природни услови“,рече Митко Василевски.

Додека сега најчесто обработувано дрво е оревот,некогашните стари мајстори ги користеле и липата но и јаболкото,црешата и крушата.Неготинските копаничари кои работат организирано девет години во сопствено здружение велат дека за да се занимаваш со рачна изработка на дрвото,потребни се љубов и талент без размисла за материјалните добра.

„Се знае каква е кај нас финансиската моќ на луѓето. Ретко се случува да дојде некој да купи, избираат по нешто од применета уметност. Важно се продава по нешто,колку да извадиме за ореовото дрво зашто тоа е скапо. Но, нека е и скапо само да има нешто да се продаде“,вели Василевски.

Луѓето обично ќе речат дека тоа е дарба од Бога,но сепак мислам дека за ова треба знаење, искуство и постојано надоградување,вели неговата сопруга Лилјана,претседател на неготинското здружение на копаничари.

– „Земав чекан и длето и почнав сама да работам,гледајќи го сопругот како досега работеше и толку многу се внесов во таа работа,па тој се воодушеви од тоа што го направив. Ме поддржа, ми помогна, ме научи а јас си најдов смисол за мојот живот. Независно од тоа што оваа работа не носи многу пари но носи многу задоволство,тоа е она што мене ме држи на пример во оваа работа.Не се осудуваат многу жени да се бават со копаничарство ,затоа што  е многу тешка,мачна,напорна работа и бара многу трпение,многу сила меѓутоа ако се има љубов се се може. Сепак мислам дека се и предрасуди во прашање. И јас во почетокот имав страв, мислев дека длетата се многу остри, ќе се повредам и не се за мене“,рече Василева.

Додека ги гледавме овие копаничари, како умешноста ја преточуваат во резба, и ние како за момент да го почувствувавме пулсот на животот кој чука во дрвото а се шири преку ударите на чеканот врз длетото.

Не рекле за џабе дека резбарското творештво, кое долги години опстојува на овие простори, е всушност траен белег што никој и никогаш неможе да го избрише. Тоа трае и расне и се пренесува од колено на колено, се соочува со  новите предизвици а сепак го чува исконското./Б.Н.Т

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.