„HBO Маx“ потврди: Доаѓа втора сезона од серијата „And Just Like That“
Стриминг сервисот „HBO Max“ потврди дека ќе има втора сезона од серијата „And Just Like That“ со Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис во главните улоги.
Пред неколку месеци имавме можност да го проследиме враќањето на легендарните Кери Бредшоу, Миранда Хобс и Шарлот Јорк на малите екрани. Серијата, која по петнаесет години доаѓа како продолжение на култната серија „Sex And the City“, беше приказ на животот на познатото трио од Менхетен во позрели години.
Продуцентите на серијата и стриминг сервисот „HBO Max“ потврдија дека снимањето е во тек, но сè уште не е познат точниот датум за почетокот на втората сезона.
-Ние сме воодушевени од културолошкиот момент создаден од овие ликови и нивните приказни, сместени во свет што веќе го знаеме и толку многу го сакаме“, рече Сара Обри, шеф на оригиналната содржина на „HBO Max“. „Горди сме на работата на Мајкл Патрик Кинг и нашите прекрасни писатели, продуценти, актерска екипа за сè што направија за да ги пренесат овие приказни на екранот. Едвај чекаме обожавателите да видат што се подготвува за 2-та сезона!“
Првата сезона ги подели обожавателите, и додека некои беа воодушевени од новиот проект, други не штедеа на критики. За жал, повторно нема да ја видиме Саманта Џонс, која во „Sex And the City“ ја играше Ким Катрал.