Сицилија, италијанската гордост
“Кум“, подземна мафија, Марлон Брандо и првата асоцијација е Сицилија. Италијански остров во срцето на Медитеранот, кој мирно спие под светло синото небо. Но, ова место живее со полна пареа. За Сицилија надалеку се слушнало дека нема ден без сонце.
Будното око на оваа убавина е моќната планина Етна, се уште жив вулкан на островот и најголем вулкан во Европа, што е и препознатлив белег на островот. Освен Етна, ова парче земја е подложно на голема вулканска активност. Така, на тоа подрачје лежат и Стромболи и Вулкано, како едни од поголемите вулкани. Но, оваа природна опасност не ја прави Сицилија помалку привлечна или непосетена. За секој што знае и малку да му се посвети на уживањето, со полни гради да ги вдишува убавините, за секој што знае да се израдува на ситните работи Сицилија е магична дестинација. Иако приказна сам за себе, островот со целата своја привлечност и комплексност го претставува светот на мало парче земја.
ПРИВЛЕЧНО МЕСТО СО ПРИРОДНА УБАВИНА И БЕЗВРЕМЕНСКА ИСТОРИЈА
Сицилија е островот на сонцето и прекрасните плажи, место каде што високите планини се надвиснуваат над морето. Бреговите се со златна боја, на кои се протегаат огромни плантажи со насади на лимон и портокал. А секој дел од островот е различен и нуди своја приказна. Ако прошетате низ централниот дел ќе наидете на моќноста на мајката природа, а високите планини и масивните ридови ви го одземаат здивот. Многумина ја опишуваат Сицилија како излезена од бајките. Како што е на многу места напишано, а од многу луѓе кажано, “летото на Сицилија е пејзаж под синото небо, а пролетта виножито од диви цвеќиња распрскани по зелените ливади“. Ова е вистинската слика за овој европски остров и можеби токму затоа привлекува голем број туристи.
Bella Sicilia, како што знаат и умеат да кажат Италијанците, е парчето од Италија кое е длабоко поврзано со историјата, со старите традиции и обичаи. Денес овој модерен остров со одлична медитеранска клима претставува вистинска туристичка атракција. А сицилијанската привлечност и убавина се доволна причина за да биде опеана во многу песни и прераскажана во многу приказни. Мистеријата на островот, пак, ја прави достојна да биде и дел од грчките митови. Од копното Сицилија е одвоена преку теснецот Месина и за многумина е повеќе од само остров. Откривањето на Сицилија значи откривање на светот. Денес претставува историско и космополитско место. Како крстосница на поморските патишта, низ годините Сицилија била цел на многу освојувачи и со векови била освојувана и запоседната од многу народи, како старите Грци и Римјани, Французи, Австријци, Шпанци, кои оставиле свој белег на островот. А нивното наследство денес се гледа преку античките храмови и амфитеатри, средновековните катедрали и палатите, прекрасните модерни вили, се до префинетите сликарски и книжевни ремек-дела. Сицилија се издвојува по својата историја, култура, уметност, архитектура, кујна и јазик и сето тоа ја прави единствена на територијата на “европската чизма“.
Палермо е најголемиот град и многу често е споредуван со природен небрусен скапоцен камен. Неговата убавина не може да се раскаже, мора да се доживее. Така, во Палермо ќе наидете на византиски палати, готички замоци и барокни градби. Поголемите градови нудат интересни музеи, но тоа што дава уникатен поглед се хеленистичките остатоци. И покрај богатството и наследството оставено од античките народи, ако денес сретнете некој локален жител и го прашате за величествените градби остро ќе ви одговори дека сето тоа припаѓа на сицилијанците. Ако сакате да посетите место на коешто ќе наидете на сведоштвата од хеленистичката антика, славите од воинствениот среден век и чудата од времето на ренесансата, обвиткано со многу слоеви од различни народи и цивилизации, Сицилија е вистинскиот избор за вас. Ова парче европски рај е италијанска гордост. Но, историјата, корените, годините, комбинацијата на античкото и модерното го направиле островот и по малку шпански, француски и грчки, со неколку германски и арапски нијанси. Различните примеси му даваат одличен “шмек“ на изгледот и духот на местото и го прават светски остров. Тоа е место каде што традицијата си го направила своето, а времето мислиш запрело. А убавината е во разновидноста, каде што Европа, Африка и Азија создаваат заеднички магичен момент, спој на Истокот и Западот, Северот и Југот. Но, богатата историја и интересната култура се само една алка од синџирот убавини што ги нуди Сицилија. Така, песочните плажи, луксузните вили, раскошните хотели, скапите трговски центри, тиркизното море, бескрајните забави од светски ранг ја прават одличната понуда на Сицилија како туристичка дестинација. А сицилијанскиот туризам не е само слика од разгледница, туку претставува една цела култура.
ЧАША ВКУСНО СОРТНО ВИНО – МЕРАК ЗА СЕКОЈА ДУША
Сликата на Сицилија не ја сочинуваат само грандиозните историски градби, убавите плажи и восхитувачката природа. За мозаикот да биде комплетен недостига уште едно парче. Достоинствените лозја, античките маслинови градини, овоштарниците и бескрајните житни полиња ја прават Сицилија како излезена од платното на светските уметници. А секој што бил во Италија знае дека не ја вкусил убавината на земјата целосно без чаша слатко вино. Многумина знаат за сицилијанските вина. Овој остров има повеќе лозја од која било друга област во Италија.
Поголем дел од лозјата произведуваат грозје за слатката и сува “марсала“, која најмногу се произведува. Интересен е фактот дека порано лозарите произведувале грозје за околу 30 винарници кои постоеле во 80-тите и 90-тите години на минатиот век. Но, сега веќе многумина од нив имаат отворено свои мали винарници, така што нивниот број се зголеми на повеќе од 300. На познатите вулкански падини на Етна се одгледува грозје уште од петтиот век пред новата ера. Додека големите и веќе етаблирани производители, како што се Таска далмериа (Tasca d’Almeria) и Регалеали (Regaleali), создаваат најразлични врсти вино, малите производители се свртени кон производство на посебните сицилијански сорти. Најпознатото црвено грозје е “давола“ (D’avola), кое варира од лесно и со полн вкус, до грозје кое има земјест вкус и арома на зачини. Најпознатата сорта бело грозје, пак, е “кариканте“. Ако го пробате виното од оваа сорта ќе сфатите дека има густ вкус и арома на квасец. Од црвените грозја љубителите на капката винско задоволство го издвојуваат “нерело маскалезе“, кое има нежни овошни тонови и во комбинација со друга сорта “вулканско“ грозје, “нерело капучо“, се добива вкус кој е многу сличен на “пино ноар“. А со доброто вино секогаш оди одличната храна.
Сицилијанската кујна, како дел од традиционалната италијанска, е позната во светот како можеби најдобрата кујна. Нема некој што не ги сака италијанските специјалитети, тестенините и специфичните сосови со благо зачинетиот вкус. И секогаш останува на посетителите да уживаат во магијата на островот, а на староседелците да бидат така добри домаќини како и досега, па туристичката традиција од неколку илјади години да ја одржат и понатаму. Ако патот ве води на југот на Европа и Медитеранот, Сицилија останува место кое едноставно мора да се види.
