Композиција од Дарија Андовска ќе се емитува на над 35 радио-станици во целиот свет
Интернационалниот Рострум на Композитори веќе седма деценија е најважната платформа за размена на современа музика преку радио-емитување, тоа е голема можност за професионалниот развој и размена на искуства помеѓу радио-продуценти и презентери. Дарија Андовска од Македонија е најавена како драг гостин во програмата со реномирани современи српски композитори како Бранка Поповиќ, Александра Вребалов, Наташа Богојевиќ, Иван Марковиќ и Драгана Јовановиќ.
Повеќе од 35 национални радио-станици од целиот свет учествуваат со над 100 дела кои не се постари од пет години. Во последните две години делата на композиторите биле емитувани над 2000 пати на учесничките радио-станици низ целиот свет. Македонија не учествува во овој настан преку соработка со сопствена радио станица, но сепак на овој голем настан од светски ранг прозвучи музика и од македонски автор токму преку Андовска, а благодарение на ансамблот Метаморфозис и Саша Мирковиќ, на кои е посветена композицијата „даМар“ и кои ја дадоа нејзината праизведба односно светската премиера во Белград во јули оваа година. Ансамблот Метамофорзис и нивниот уметнички раководител Саша Мирковиќ се едни од водечките промотори на современа музика во Србија и на Балканот.
Во Биоскоп Балкан во Белград, вчера, на 13 октомври, во рамките на 67-то издание на IRC – International Rostrum of Composers, на концертот на ансамблот Метаморфозис се изведе композицијата „даМар“ за соло виола и гудачки оркестар од македонската композиторка Адндовска. Инаку таа е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и уметнички раководител на фестивалот Денови на македонска музика, еден од најактивните и најизведувани македонски композитори.